Беседа за Педесетница – Отец Гаврил (Галев)
~+~
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Денешниов ден е голем ден – Педесетница, слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици врз Апостолите. Оприсутнувањето на Светиот Дух во светот и основањето на Црквата, раѓањето на Црквата. Многу е значаен за нас овој ден, затоа што на овој ден Бог ја основа Црквата, во Која на светот, на човештвото, му се даде ново начелство, нов начин на живот, не живот во смрт туку живот во живот. Вечен живот, во радост и полнота.
Со овој настан се заврши сиот Домострој Божји за спасението на човекот. До сега работеше Бог, Отецот преку Синот во Светиот Дух. Отецот го испрати Синот Кој се воплоти, пострада, умре и воскресна и се вознесе на небесата. Светиот Дих дојде, ја основа Црквата и во неа ја истури сета полнота на благодат, а од сега натаму се останува на човекот. Колку ќе се потруди, толку и ќе добие.
На човекот се’ му е дадено, само тој треба да се потруди и да го реализира она кое што Бог му го дал во овој момент. Исто така, како што велат Светите Отци: Синот го прославува Отецот, Светиот Дух пак го прославува Синот, а ние пак луѓето, треба да го прославиме Светиот Дух. Тоа го направиле Светите Отци, во нив почива сета полнота на благодата на Светиот Дух и тие покажале со својот живот зашто Бог го испратил Светиот Дух, зашто Бог ја основа Црквата.
Така да и ние ако не сме како нив и ако не живееме по тој начин на живеење како што биле Светите Отци, далеку сме од Црквата, далеку сме од исцелување, далеку сме од вистинскиот живот, далеку сме од благодата, од светлината, од радоста итн. Затоа и се случуваат тие турбулентни, променливи состојби во нашиот живот, кои што повеќе поминуваат во тага во маки и страдање, во несигурност, отколку во радост и утеха.
Меѓутоа треба да се потрудеме да го исплзиме Светиот Дух, така речено. Треба да се потрудиме да го актуелизириме она кое што Бог ни го дава преку Светиот Дух и тоа најпрво го постигнуваме со светата тајна крштение. Затоа треба да се потрудеме да живееме светотаински свет живот, да се сакаме меѓу себе, да се почитуваме, за Светиот Дух да биде во нас и помеѓу нас.
Пред доаѓањето на Светиот Дух луѓето се делеле на ваква или таква основа, за подоцна да се соединат сите во Црквата. Многуте народи стануваат еден, христијански. Апостолите и Мајката Божја собрани во горната просторија на педесетница кога сите биле сложни, еднодушни тогаш Светиот Дух слегол.
Така да и ние треба да знаеме дека треба да бидеме еднодушни со Бога, а тоа значи сите да живееме еден за друг, не за себе. Тогаш сме по благодата на Светиот Дух и тогаш светиот Дух е во нас и меѓу нас. Така и ние да се потрудиме да го живееме тој живот кој што Бог ни го дал и да не се лажеме во лажни надежи, во лажни наслади, во лажни цели во овој живот кои што всушност се повеќе на наша штета од колку што се на наша придобивка.
Отец Гаврил Галев
Игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
08 / 06 / 2025