// Google analytics code

Ако го ставиме умот во процес на исцеление, веќе не сме дел од овој свет – Митрополит Струмички Наум

„Моето време уште не е дојдено, а за вас времето секогаш е погодно.“ Страшни се овие Христови зборови кон Неговите браќа, тоа е исто како да им кажал дека нивните дела немаат никаква врска со вечноста и дека тие и така си прават што си сакаат – нешта кои немаат никаква вечна смисла и цел, а со тоа и никакво значење пред Бог. Всушност, дека тие, како такви, се дел од светот и дека нив светот ниту ги мрази, ниту ги гони.

Спротивно на ова, секој што ги исполнува заповедите Божји не е дел од светот, туку му сведочи на светот дека истиот не живее според заповедите Божји, т.е. дека неговите дела се лоши; и затоа таквиот ќе биде намразен од светот.

Овие Христови зборови го отвораат и прашањето како ние времените и смртните, денес, да влеземе во вечноста? Тоа дека сме членови на Црквата и дека понекогаш учествуваме во нејзините Свети Тајни уште не значи дека не сме дел од овој свет. Но, ако го ставиме умот во процес на исцеление, преку послушание кон духовникот, во исполнување на заповедите Божји, и ако ја насочиме молитвено енергијата на нашиот ум кон пределот на срцето, веќе не сме дел од овој свет.

А доколку го очистиме и отвориме срцето за умно-срдечната молитва, односно доколку нашата создадена енергија ја соединиме со Божествената несоздадена енергија во нашето срце, тогаш сме преминале од време во вечност и од смрт во живот, и на суд нема да излеземе.

Нашето срце е местото каде што времето се сретнува со вечноста и каде што вечноста се излева и го преобразува времето и временото. Човекот со такво срце внимава на исполнување на времето – во сé што прави, внимава на спасението на сите; тоа е негов единствен интерес.

Митрополит Струмички Наум

13 / 05 / 2025


About The Author