// Google analytics code

Свети апостол Тимотеј – Отец Гаврил Галев

НАЈВЕРНИОТ СОТРУДНИК НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

St Apostle Timothy
~+~

Како што миризливата ружа израснува од трње, така и светиот апостол Тимотеј потекнувал од татко Грк, кој бил многу познат по идолoпоклоничкото зловерие и бил исклучително лош по нарав. Меѓутоа, мајката и бабата на овој свет aпостол биле сосема спротивни од татко му. Како побожни Еврејки, обете биле свети и праведни, украсени со добродетели и биле меѓу првите што ја примиле христијанската вера. Името на апостол Тимотеј значи „чествуван од Бога“, и тој навистина бил почестен од Бога да биде ученик на светиот апостол Павле, а подоцна и на возљубениот ученик Христов, светиот апостол и евангелист Јован Богослов.

Светиот апостол Тимотеј се родил и бил воспитан во градот Ликија, во областа Листра, Анадолија, во 17 година по Христос. Во тоа време, светиот апостол Павле, заедно со светиот апостол Варнава дошле во Листра. Пристигнувајќи таму, направиле големо чудо: со еден збор исцелиле сакат од утробата на својата мајка, при што луѓето се чуделе и се прашувале дали тие се луѓе или богови, па рекле: „Боговите слегнале при нас во образ човечки“ (Дела 14, 11).

Но, откако апостолите и проповедници на Живиот Бог, кои проповедале на вистинско покајание, ги увериле луѓето дека тие не се богови, многумина ја напуштиле поранешната идолопоклоничка заблуда и се обратиле во вистинската вера. Меѓу нив била и мајката на овој благословен апостол Тимотеј, која рано останала вдовица. Таа со радост ја примила евангелската проповед на светиот апостол Павле и се крстила. Откако примила Крштение, таа од сè срце посакала да Му го посвети својот син Тимотеј на Бог, како благодарност за извршеното чудо направено во нивниот град.

Уште од младини Тимотеј се покажал како остроумен и со здраво расудување, со тоа што повеќе се приврзал кон мајка му отколку кон татко му, кој бил незнабожец. Од мајка му и баба му ја примил вистинската вера и ревносно се поучувал во неа, според светиот апостол Павле во неговото Второ послание до Тимотеј, велејќи: „Спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе“ (2 Тим. 1, 5). За него било вистински благослов да се поучува од млади години на Господовото слово.

Кога свети Павле го видел, гледајќи го дека е паметен и кроток, и дека Божјата благодат е со него, многу го засакал и сакал да го земе со него. Но, бидејќи уште бил многу млад и не можел да патува, го вратил дома и им наредил на своите опитни наставници да го учат на Светото Писмо и благочестието.

По неколку години, свети апостол Павле, кога се подготвувал за своето второ патување, го зел со себе Сила и заминал од Антиохија да ги посети браќата и сестрите во сите градови во кои претходно го проповедал словото Божјо. При тоа патување повторно ја посетил Листра, каде што живеел свети Тимотеј[1]. Гледајќи дека Тимотеј веќе пораснал, украсен со секоја добродетел и многупочитуван од сите браќа во Листра и Иконија, апостол Павле го зел со себе и го вовел во апостолската служба. Тимотеј му станал негов најверен придружник и му служел во Господ при сите негови подвизи и патувања.

Пред да тргнат, за да нема смут меѓу Евреите и да не се попречува проповедта на словото Божјо, свети апостол Павле го зел со себе и го обрезал Тимотеј според законот Мојсеев: „И откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин“ (Дела 16, 3).

Свети Тимотеј во сè го подражавал својот учител, како што и самиот апостол Павле пишува: „Ти се угледа на моето учење, животот, целта, верата на мојата големодушност, љубовта, трпеливоста, на моите гонења и страдања, што ми се случија во Антиохија и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сè Господ ме избави. Па и сите што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети“ (2 Тим. 3, 10–12), со тоа навестувајќи го и маченичкиот крај на апостол Тимотеј.

Свети Тимотеј заблескал со сите добродетели на апостолската служба. Го прифатил апостолскиот повик и, откажувајќи се од сè земно, го зел на себе крстот Христов, и Му последувал проповедајќи ја Неговата спасителна наука. По нарав бил смирен, кроток, благопријатен, кон секого се однесувал со почит, не враќал зло за зло и непрестајно се молел за сите што страдале, како вистински следбеник на својот учител, светиот апостол Павле.

 

Апостолска служба

Поради тоа ти напомнувам да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе преку

моето ракополагање. Зашто Бог не ни го даде духот на стравот,

туку духот на силата, љубовта и трезвеноста.

(2 Тим. 1, 6–7)

Гледајќи како неговиот ученик расте во духот и познанието, свети апостол Павле го поставил свети Тимотеј најпрво за ѓакон, потоа за свештеник, а иако сè уште млад, го назначил и за највисокиот чин во свештенството, за епископ. Како свештенослужител свети Тимотеј се покажал достоен за овој свет повик, целосрдечно посветувајќи му се на апостолскиот подвиг.

Тој бил голем соработник на апостолите во проповедањето на Евангелието на Исус Христос. Ниту младоста, ниту болестите, ниту телесните слабости не го спречиле овој ревносен Христов воин и поддржувач на делото на свети апостол Павле во подвигот на апостолската служба седумнаесет години, за што пишува и самиот Павле: „Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте помеѓу вас да биде во безопасност; зашто тој го врши делото Господово како и јас“ (1 Кор. 16, 10). А пред тоа, фалејќи го, пишува: „Браќа, затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа; тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа, како што насекаде и во секоја црква учам (1 Кор. 4, 17). Во друго Послание го нарекува свој брат: „Павле, затвореник на Исус Христос, и братот Тимотеј“ (Фил. 1). И повторно: „И го испративме Тимотеј, својот брат и слугата Божји, и својот сотрудник во Евангелието Христово, за да ве укрепи и утеши во вашата вера“ (1 Сол. 3, 2).

Овие, и многу други пофалби за свети Тимотеј се запишани во Посланијата на апостол Павле. Свети Тимотеј не се возгордеал од нив, туку живеејќи во смиреноумие, толку се умртвувал себеси со пост и молитва, што и самиот учител, кој ги гледал неговите подвизи и постови, сострадувал со него. Го советувал да не пие вода, туку по малку вино, поради неговите чести болести[2]. Но, иако телото негово постојано било изложено на болести, благородството на душата негова било здраво и никогаш повредено.

Со својот учител ги поминал сите краишта на светот, проповедајќи го словото Божјо и во Ефес, и во Коринт, и во Македонија, и во Италија, и во Шпанија. Со право за нив може да се рече: „Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената“ (Псал. 18, 4). Свети Тимотеј бил остроумен, брз на одговор, извонредно слаткоречив проповедник Божји, особено во толкувањето на Светото Писмо, најдостоен пастир во управувањето на Црквата и за одбрана на Црквата, особено поради тоа што учењето го црпел од два преизобилни извора на благодатта: зашто учител не му бил само Павле, туку и возљубениот ученик Христов Јован.

Кога свети апостол Павле заминал за Атина, светите апостоли Сила и Тимотеј некое време останале во Бер и во Солун пред да му се приклучат повторно во Коринт. Потоа, свети Тимотеј се спомнува во Делата Апостолски за време на престојот на свети апостол Павле во Ефес (54-57 година). Кон крајот на 56 или раната 57 година Павле го испратил во Македонија со цел тој конечно да пристигне во Коринт. Свети Тимотеј пристигнал во Коринт, но бидејќи Посланието не било добро прифатено, Тимотеј брзо се вратил во Ефес за да го извести за ова својот учител. Светите апостоли Тимотеј и Павле престојувале во Коринт во текот на зимата 57-58 година, кога Павле го испратил своето Послание до Римјаните. Потоа, според Делата Апостолски, светиот апостол Тимотеј бил со Павле во Македонија непосредно пред Пасхата во 58 година[3]. Тој го напуштил градот пред апостол Павле, за да стигне пред него и да го чека во Троада. Тоа е последното спомнување на светиот апостол Тимотеј во Делата Апостолски. Во 64 година, Павле го оставил Тимотеј во Ефес за да управува со тамошната црква и го поставил за Епископ.

 

Учител на вистината

Бидејќи немам никого еднаков со моите мисли, кој толку искрено би се грижел за вас,
оти сите го бараат своето, а не она на Исус Христ
ос; а неговата исправност ви е позната:

тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовествувањето.

(Филип. 2, 9–23)

Посланијата на светиот апостол Павле: Второто послание до Коринтјаните, Посланијата до Филипјаните, Колосјаните, двете Посланија до Солуњаните, како и Посланието до Филимон, ги запишал светиот апостол Тимотеј. Нему лично, апостол Павле му напишал дури две Посланија.

Во Првото послание му пишува за организацијата на Црквата и личното водство на Црквата како Тело Христово. Го поучува како да го спроведува Законот, предупредува против лажното учење како што е енкрaтизмот[4], потоа му дава поуки за молитвата, за улогата на жените во Црквата, за водачите на Црквата и однесувањето кон вдовиците, старешините, служителите, младите, односно за членовите на Црквата воопшто.

Во Второто послание, светиот апостол Павле го поттикнува Тимотеј да не се срами „од страдањата на нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата за Благовестието Христово по силата на Бога“ (2 Тим. 1, 8). Му дава и последни совети, укрепувајќи го во верата: „И така, те заколнувам пред Бог и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Он и Неговото царство: проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, изобличувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука. Оти ќе дојде време, кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се обрнат кон бајки. Но ти во сè биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на евангелист, службата своја исполнувај ја добро!“ (2 Тим. 4, 1–5).

Исто така, го повикува своето возљубено чедо Тимотеј да го посети во затворот, каде што апостол Павле го чекал своето мачеништво, за да се простат еден од друг: „Зашто, јас веќе станувам жртва, а времето на моето одење настапи. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање. Погрижи се да дојдеш при мене скоро!“ (2 Тим. 6–9).

 

Во вечноста 

Ја чува Господ душата на своите светии;

од раката на грешниците ќе ги избави.

(Псал. 96, 10–11)

Кога римскиот император Дометијан го протерал свети Јован Богослов на островот Патмос, тогаш свети Тимотеј го заменил на светиот престол, станувајќи Епископ на градот Ефес, каде што по кратко време пострадал за Христос.

Во тоа време, во Ефес особено се празнувал празникот наречен Катагогиум. На овој пагански фестивал, мажите и жените се преправале и маскирале, и со бесрамни игри ги обиколувале улиците на градот, носејќи во рацете идоли. Пееле гласни песни, беснееле и како разбојници ги напаѓале случајните минувачи, а некои дури и ги убивале. И други непристојни беззаконија вршеле, мислејќи дека со тоа им угодуваат на нивните лажни богови. Кога го видел тоа, божествениот Тимотеј, распламтен со огнот на божествената ревност, влегол во оваа богохулна маса, и почнал отворено и храбро да проповеда за единствениот вистински Бог, нашиот Господ и Спасител Исус Христос, и да го разобличува идолопоклонството и ништожноста на нивните лажни богови.

А тие, заслепени од мракот на нивната демоноопседнатост, разјарени се нафрлиле на светиот апостол и почнале жестоко да го тепаат со стапови и со сè што ќе им дојде. Го тепале и гмечеле на земјата, удирајќи го бездушно и оставајќи го речиси мртов. Кога го нашле христијаните, тој бил на издивнување. Го однеле надвор од градот, на местото наречено Пион, каде што наскоро издивнал и се преселил во прегратките на неговиот возљубен Господ Исус Христос, во 97 година. Неговото рането свето тело чесно го погребале. Неговиот свет спомен се празнува на 22 јануари/4 февруари.

Во текот на својот многустрадален живот, свети Тимотеј бил затворен најмалку еднаш, како што е наведено во Посланието до Евреите, во кое се споменува ослободување на Тимотеј. Свети Тимотеј поминал седумнаесет години со апостол Павле, од неговата посета на Листра при второто проповедничко патување сè до маченичкиот крај на апостол Павле во Рим.

По долго време, по наредба на царот Констанс, синот на светиот цар Константин Велики, светиот маченик Артемиј ги пренел светите мошти на светиот апостол Тимотеј во Цариград и ги положил во црквата на Светите апостоли, покрај моштите на светите апостоли Лука и Андреј Првоповиканиот. По Божја волја, на оние кои во овој живот заеднички го проповедале Евангелието, заеднички им бил и гробот и блаженство на небесата, во Царството на нашиот Господ Исус Христос, Кој со Отецот и Светиот Дух царува довека. Амин.

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

 

[1] Види: Дела 16, 1.

[2] Види: 1 Тим. 5, 23.

[3] Види: Дела 20, 3–6.

[4] Движење кое настанало во 2 век; забранувало користење месо и вино, и го забранувало бракот.


About The Author