// Google analytics code

Преподобен Максим Исповедник – Отец Гаврил Галев

БОГОМУДАР ФИЛОСОФ НА ПРАВОСЛАВИЕТО

Sv Maksim Ispovednik 1

 ~+~ 

Низ Духот излеа потоци на учење за Црквата;

го објасни истоштението на Бога Словото,

и засветли во твојата борба како исповедник на верата;

свет оче Максиме, моли Го Христа Бога

   да ни ја дарува Неговата голема милост.

(тропар на св. Максим Исповедник)

Да се стекне авторитет пред луѓето и да те следат не е потребно да имаш висок црковен чин, да ја имаш наклонетоста на световната власт и да мислиш дека Црквата ти е дадена како дедовина, па можеш да правиш во неа што сакаш, а другите мора да ти се покоруваат и слушаат. Вистинскиот авторитет се стекнува само преку личен пример и љубовна жртва во осветлувањето и изобразувањето на ликот Божји во очистеното срце. Во борбата против страстите и демоните, и нивното потчинување. Во ревноста на службата Божја. Во невраќањето на злото со зло. Во дарот на благодатта на Светиот Дух. Во љубовта кон Бог и човекот.

Живеејќи на тој начин стануваме светлина, живо светило што не може да го покрие поклоп, туку стои на врв планина и другите го гледаат, и им го осветлува и насочува патот, и тие врват по него[1].

Таков светилник во VII век бил преподобен Максим Исповедник, кој бил обичен, „прост“ монах, без чин, кој им се спротивставил на Патријархот и на царот, и не се исплашил да ја сведочи својата точна и чиста вера пред речиси целата тогашна Црква, која паднала во ерес. Свети Максим Исповедник бил светило и авторитет на Црквата во тоа време, кој свети и го осветлува православниот пат дури до наше време.

Исповедници се свети мажи кои сведочеле и проповедале за Христос, биле измачувани и подложувани на секакви прогони и угнетувања, но според промислата Божја, Господ го запазува нивниот живот и тие не загинуваат маченички. Таков е подвигот и на свети Максим Исповедник.

На дворот

Преподобен Максим Исповедник се родил во Константинопол околу 580 година, во благородничко и благочестиво христијанско семејство. Родителите му овозможиле да добие широко образование: ги изучил философијата, граматиката, реториката, бил начитан од древните автори и совршено ја владеел богословската дијалектика. Бил длабок познавач на Платон, Аристотел и неоплатонистите. Поради својата исклучителна личност како учен, мудар и добродетелен маж многу бил почитуван од царот Ираклиј (610 – 641), кој, и покрај неговото противење, го поставил за прв секретар на дворот и за свој советник. Поради неговата благочестивост и остроумност помогнал за подобрување на животот во градот, поради што бил многупочитуван и славен од сите.

Во тоа време се појавила монотелитската ерес, која всушност, е лукаво видоизменување на претходно осудената монофизитска ерес, и која заразила голем дел од царството, дури и самиот цар. Световниот живот му станувал сè потежок и поради тоа што имал искушение со кривоверниот цар, тој се откажал од светската слава и се оддалечил од дворот, според зборовите на псалмопејачот: „Повеќе сакам да живеам при прагот на Божјиот дом, отколку во шаторите на нечестието“ (Псал. 83, 10), и заминал во манастир.

 

Во манастир

Од дворскиот живот се оддалечил околу 613 – 614 година, во манастирот Филипик, во Хрисопол (близу Халкидон), каде што примил монашки потстриг. Таму не останал многу долго поради нападот на персиските војски, па преминал во манастирот посветен на свети Георгиј, во местото Кизик, Хелеспонт, каде што цветало љубомудрието, и кој во тоа време бил познат по подвижничкиот добродетелен живот на монасите. Во овој манастир преподобниот останал повеќе години и со своето смиреномудрие, подвиг и љубов, набргу ја стекнал љубовта и довербата на браќата, и бил избран за игумен на манастирот. Но, поради својата необична скромност, тој одбил, останувајќи „прост монах“.

Во 626 година, Константинопол бил жестоко напаѓан од Аварите и Персијците, поради што целото братство било принудено да го напушти манастирот. Тогаш, свети Максим, заедно со својот послушник Анастасиј, кој оттогаш, па сѐ до крајот на животот останал со него и пострадал за Христос, заминале на Крит. Таму свети Максим имал богословски спорови со приврзаници на монофизитската ерес. Се судрил и со локалниот епископат, кој се придржувал до еретичките гледишта на Севериј и Несториј, и со своето љубомудрие го разобличил. Оттогаш, па сè до крајот на животот, бил во постојана борба со еретиците, за запазување на богооткриените вистини за Господ Исус Христос.

 

Борбата против монотелитството

Ти ги рашируваш чекорите мои под мене, и нозете мои не се заморуваат.
Ќе ги гонам непријателите мои и ќе ги стигнам, и не се враќам додека не ги победам;
ќе ги притиснам и тие не ќе можат да опстанат, ќе паѓаат под нозете мои,
зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги покори пред мене оние што станаа против мене.

(Псал. 17, 36–39)

Главната борба на свети Максим била против ереста на монотелитството, односно погрешното учење за двете волји на Христос. Зачетници на оваа ерес биле императорот Ираклиј и Константинополскиот Патријарх Сергиј (634 – 639).

Преку оваа ерес царот Ираклиј и Александрискиот Патријарх Кир (630 – 640) сакале да им угодат на веќе осудените еретици монофизити, кои признавале само една природа во Христос, наспроти православното исповедање кое верува и тврди дека во нашиот Господ, воплотениот Бог, постојат две природи – Божествена, која ја има од вечноста, и човечка, која ја зел од Пресвета Богородица кога станал Човек. Овие две природи се во едната Ипостас Христова, зашто Христос Бог не се дели на две лица, туку се распознава во двете природи неслиено.

Од монофизитската ерес во тоа време се појавила нова ерес, моноенергетска или монотелитска, која учи дека во Христос Господ постојат две природи, но само една волја и едно произволение, и едно дејство или енергија – Божествена волја и Божествено дејство[2]. Православното верување и учење за ова е дека Богочовекот Исус Христос, како што има две природи, така тие две природи имаат и две дејства и две волји. Всушност, монотелитството бил неуспешен историски обид за обединување на православните и монофизитите.

Со оваа ерес било инфицирано речиси сето христијанство на Исток и таа имала многубројни следбеници во Ерменија, Сирија и Египет. Ереста, засилена со национална омраза, станала сериозна опасност за црковното единство на Истокот. Борбата на Православието со ересите особено се усложнила со тоа што во 630 година три патријаршиски катедри на православниот Исток биле заземени од монотелити: Константинополскиот – Сергиј, Антиохискиот – Атанасиј, и Александрискиот – Кир.

На оваа ерес најжестоко ѝ се спротивставиле преподобните монаси Максим и Софрониј. Софрониј подоцна станал Патријарх Ерусалимски (634 – 638) и свикал и помесен Собор, на кој ќе е осудена новата ерес, и до сите патријарси испратил писмо со православно исповедање за двете природи и волји Христови. 

По барање на свети Софрониј, преподобен Максим заминал за Египет и Александрија, и таму престојувал до крајот на триесеттите години од VII век, неуморно проповедајќи ја православната вера.

Во Александрија и нејзината околина преподобниот поминал околу шест години. Во 638 година императорот Ираклиј, заедно со Патријархот Сергиј, стремејќи се да ги намали вероисповедните разногласија, издал указ, таканаречен „Ектесис“, или „Изложување на верата“, кој категорично забранува да се водат спорови и за едната и за двете волји на Христос, но во исто време учењето за едната волја на Спасителот го прогласил за правилно. Заштитувајќи го Православието, преподобен Максим се обраќал кај луѓе од различни звања и положби. Тие разговори вродиле со успех, така што стекнал авторитет не само кај клирот и сите епископи, туку и кај народот, а сите светски началници биле наклонети кон него.

При крајот на 638 година умрел Патријархот Сергиј, а на патријаршискиот престол дошол Пир (639 година). Во 641 година умрел и императорот Ираклиј. Императорскиот престол го зазел неговиот син Константин, кој владеел само четири месеци, бидејќи бил отруен, а на неговото место дошол Ираклиј II (626 – 641). Него, пак, од престолот го соборил самиот народ, затоа што бил незадоволен од начинот на којшто станал цар, за на крај, на негово место да дојде жестокиот Констанс II (641– 668). Кога Констанс се зацарил, Патријархот Пир (638 – 641), како приврзаник на претходниот цар, се исплашил и избегал во Африка, а на негово место дошол Павле (641 – 654), кој исто така бил еретик, со што се засилиле нападите на еретиците.

Во меѓувреме се упокоил свети Софрониј, Патријарх Ерусалимски, а преподобен Максим останал сам да се бори против еретиците. Заминал за Картагена и таму проповедал уште пет години. Развил голема активност во заштита на вистинитата вера од еретичкото учење, стекнувајќи голем авторитет меѓу народот, кој го почитувал како свој учител и со внимание го слушал. Постојано патувал по селата и градовите во т.н. Латинска Африка, бил во врска со епископите, водел преписки и организирал противдејствија.

Кога во Африка пристигнал пребеганиот Патријарх Пир, тој почнал да ја заразува чистата нива Божја со какол, заблудувајќи го народот со ереста на монотелитството. Затоа, помеѓу него и преподобен Максим, во јули 645 година, настанале отворени полемики за верата, поради што патрицијот Григориј свикал и помесен Картагенски собор, на кој двајцата теолози требало да докажат чие учење е точно. На тој Собор, пред сите присутни, учениот Максим, со смирено и целомудрено расудување, повикувајќи се на Светото Писмо и на догматите од Светите Отци, докажал дека Господ Исус Христос е Богочовек со две природи, во кои има две волји, две произволенија и две дејства, неразделни во една Ипостас.

Во 647 година преподобен Максим се вратил во Африка. Таму, на соборите на епископите, монотелитството било осудено како ерес. Во 648 година, по наговор на Патријархот Павле, царот Констанс напишал нов указ: „Типос“, односно „Образец на верата“, кој забранувал секакви дискусии на оваа тема. Овој указ му бил испратен и на римскиот папа Мартин (649 – 654), кој во меѓувреме станал нов папа наместо Теодор Римски. На свети Максим му било наредено да го прифати царевиот „Типос“, но тој одлучно одбил, велејќи: „Дури и целиот свет да посака да го прими тоа ново учење, спротивно на Православието, јас нема да го примам и нема да отстапам од евангелското и апостолско учење, како и од Преданието на Светите Отци, дури и да ми се закануваат со смрт“.

 

Латерански собор

Свети Максим допатувал во Рим кон крајот на 647 година, откако претходно бил на Сицилија, каде што на тамошните епископи им ја изложил вистинската вера и ги заштитил од еретичкото учење на Исток. Тогаш преподобен Максим се обратил кај папата Мартин I, со барање да го изнесе прашањето за монотелитството на соборно разгледување од страна на целата Црква. Во октомври 649 година бил свикан Латеранскиот собор, на кој присуствувале сто и пет епископи, а бил присутен и преподобен Максим Исповедник. Соборот го осудил монотелитството, а неговите заштитници, Константинополските патријарси Сергиј, Павле и Пир, биле предадени на анатема.

Кога Констанс II ја добил одлуката од Соборот, многу се разлутил и донел наредба да ги донесат папата Мартин и преподобен Максим. Таа заповед била исполнета во 653 година, кога во Рим пристигнал царскиот намесник Теодор Калиопа. Папата Мартин и преподобен Максим насила и во окови биле однесени во Константинопол, каде што требало да им се суди.

Прво бил суден папата Мартин, кого го обвинувале за соучество со Сарацените против Римското царство, како и за тоа дека не Ја почитува Пресвета Богородица. Таквите обвинувања не биле точни и папата ги отфрлил, но царскиот пратеник не сакал да ги прифати, па затоа наредил тајно навечер да го фатат и да го прогонат на заточение во Херсон, каде што по две години, во 655 година, измачуван со глад, починал. Две години порано, во покајание се упокоил и Патријархот Павле. На негово место повторно дошол Пир, но и тој умрел по четири месеци. По него, на патријаршискиот престол дошол Петар (655 – 666), исто така еретик како и неговите претходници.

 

Исповедништво

Поради зборовите на устата Твоја чекорев по патиштата тешки.

(Псал. 16, 4)

Истите мачители, кои себеси се нарекувале христијани и ревнители за верата, кои и до смрт го донеле светиот свештеномаченик Мартин, папа Римски, и кон преподобен Максим се однесувале многу сурово. Го влечкале необлечен, босоног и во окови по улиците на Константинопол, а зад него одел неговиот ученик Анастасиј, кого исто така го донеле од Рим. Потоа го затвориле во една самица, без неговиот ученик.

Го обвинувале како државен предавник, кој ги рушел граѓанскиот и црковен мир. Старецот, најкратко, со смирение и љубов, но храбро и со трезвеноумие, и со богомудро расудување, одговарал на обвиненијата. Го обвинувале за организирање државен удар и за предавство на царот и царството на туѓи варварски народи.

„Што ќе ми е мене, монах, освојувањето градови, и каква врска имам јас, како христијанин, со Сарацените? Напротив, секогаш сум го сакал само тоа што е полезно за христијанските градови“ – одговорил преподобниот.

Понатаму, безумниот обвинител не престанал со хулните и лажни обвиненија, на што, на крајот, смирениот Максим одговорил: „Го молам Бог, дарувајќи ми го ова страдање, да ми го прости тоа што сум го направил, нарушувајќи ги Неговите свети заповеди“. Потоа сакале подмолно да го наместат како еретик и рушител на соборноста на Црквата, но тој им одговорил: „Христос Господ ја нарече вселенска Црквата што го држи вистинитото и спасително исповедање на верата. Поради тоа и го нарекува Петар блажен, што изрече такво исповедање, и ветува дека на таквото исповедање ќе ја изгради вселенската Црква“.

 

„Ние исповедаме Христос со две дејства“

На Троица љубителот и великиот Максим,

кој поучува јасно за божествената вера;

за да се слави Христос, Кој е во две природи, волји и дејства,

со достојни песни, верни, да го почитуваме,

велејќи: Радувај се, проповеднику на верата.

(кондак на преп. Максим Исповедник)

Понатаму свети Максим го изобличил кривоверието и докажал дека Соборната Црква не е во бројноста, туку во правилноста на догмите и нејзиното вероисповедание. Ги запрашал да му го изложат нивното вероисповедање, „зашто не сакам ни јас да отпаднам, ако тоа вероисповедање е добро“. Пратениците му одговориле: „Ние исповедаме дека во Христос постојат две дејства поради разликата во природите, а едно дејство поради соединувањето на двете природи во едната Ипостас“.

Светителот им одговорил: „Велите дека двете дејства се претвориле во едно дејство поради соединувањето на двете природи во едната Ипостас. На тој начин, вие, освен тие две дејства воведувате и трето дејство, слиено“.

„Не – одговориле тие – туку велиме две дејства, а едно поради соединувањето.“

Светителот им рекол: „Вие самите си ја правите верата непостојана и исповедате дека Бог нема битие. Зашто, ако во едно дејство ги слеете двете дејства, поради соединувањето на природите во едната Ипостас, и повторно во двете дејства го разделувате едното дејство поради разликата во природите, тогаш нема да постои ниту единство, ниту двојство во дејствата, кои заемно се исклучуваат, и го прават недејствително тоа во коешто пребиваат, и потполно непостоечко, немајќи ниту едно движење од природата, кое не може да ѝ се одземе или промени на природата. Зашто, природата би била лишена од своето битие, немајќи дејство по природа“.

За секое нивно лажно обвинение им давал одговор, но нивната намера била да го осудат и прогонат, и токму тоа го направиле. Сфаќајќи дека кај нив не преовладува разумот и дека вистината не им значи ништо, туку упорно се обидуваат да му наметнат зборови што не се негови, на крајот им рекол: „Ова не можам да го прифатам, ниту пак, од Светите Отци научив така да ја исповедам верата. А, вие, имате власт, па правете со мене што сакате. Тоа што Бог однапред благоволил за мене, тоа сега нека се исполни за слава на Неговото свето име!“

Испитувањата траеле не само еден, туку повеќе денови, а исто така бил испитуван и неговиот ученик Анастасиј, мислејќи дека со заплашувањата и лукавите прашања што му ги поставуваат ќе го натераат да се откаже од својот Старец. Меѓутоа, Анастасиј, кој ревносно и смирено му бил послушен цели триесет и седум години, не дозволил лукавиот да ја разниша неговата љубов и почит кон својот духовен отец, макар и по цена на својот живот, па храбро и достоинствено посведочил за невиноста и праведноста на својот Старец, и неговото православно исповедање на верата.

 

Во прогонство

– Како живееш, ава Максиме?

– Онака како што пред вековите предзнаел Господ и
одредил да биде дејствувањето на мојот живот, за кој Он промислува.

Во 656 година тој бил прогонет во малото тракиско гратче Визија, а неговиот ученик бил протеран во најоддалечената покраина на царството, во озлогласеното место Первера. Слична чест да биде удостоен со прогонство заради Христос имал и неговиот друг ученик, исто така со името Анастасиј, од Рим (составувачот на неговото житие), кој бил протеран во приморскиот тракиски град Месемврија.

Поминало некое време, и повторно царот и Патријархот Петар испратиле пратеници кај свети Максим и неговите ученици, за да ги убедат да се откажат од православната вера и да го прифатат нивното еретичко исповедање. Свети Максим бил бестрашен и непоколеблив, и со својата богомудра и благоглаголива уста ги разобличил, при што епископот Теодосиј и другите двајца пратеници се покајале и го примиле православното вероисповедање. Се вратиле кај царот, соопштувајќи му дека не нашле никаква вина кај преподобниот. На тоа царот многу се разлутил, а тие од страв повторно се вратиле на кривоверието.

Потоа бил доведен во Константинопол, но сега со почести, и му било дозволено да престојува во Студитскиот манастир. Овде го испитувале, и безмилосно го претепале, а потоа го однеле во Селемврија каде што останал два дена.

Поради него многумина не сакале да пристапат кон Црквата, која пребивала во ерес, и поради тоа еретиците биле упорни, и повторно и повторно преподобниот и двајцата негови ученици ги подложувале на најжестоки испрашувања. Светиот Старец им рекол: „Дури и целата вселена да се причести со Патријархот, јас нема да се причестам. Зашто од Посланијата на светиот апостол Павле знам дека Светиот Дух ги предава на анатема дури и ангелите доколку благовестат друго и внесат нешто ново“.

Потоа Старецот паднал на колена и со солзи во очите, смирено и со богомудри зборови, им укажал дека неговата борба не е против царот и Црквата, туку дека се противи на нивното погрешно учење за Христос и се бори за чистотата на верата, научена од Светото Писмо, од творенијата на светите учители и од соборните одлуки.

По една седмица свети Максим и неговите двајца ученици повторно биле изнесени на распит, изнесувајќи клевети против нив дека се противници на царот, но повторно не успеале во тоа. Тогаш повторно ги претепале. Глетката била застрашувачка. Светиот Старец, покриен со рани од глава до петици, облеан во крв, одвај останал жив, но и тоа не ги трогнало бездушните мачители, па отишле уште подалеку во својата злоба и секому од нив му го искорнале јазикот, но таму Господ јавил неизречиво чудо: сите тие добиле способност да говорат, и тоа подобро и појасно отколку порано. Но, еретиците, уште побесни поради тоа, им ја отсекле и десната рака, и ги влечеле низ градот за показ на сите. По таквото нечовечно мачење и бесрамно исмевање, сите тројца ги испратиле на различни страни во прогонство, во најоддалечените покраини. Ги испратиле без ништо, без храна и облека, голи и боси, а наишле на многу маки и неволји по патот. Војниците го носеле преподобен Максим на носилка и со големи маки одвај го донеле до местото на заточеништвото. Тоа место било во градот Схимар, под Кавказ, и тука го затвориле во темница. А, преподобен Анастасиј, неговиот ученик, на кој исто така му го откорнале јазикот и му ја отсекле раката, на патот починал од своето многунапатено тело, целото покриено со рани. Неговата света душа преминала кон Бог во живот вечен.

Преподобен Максим поживеал уште некое време во заточеништво, но во големи маки. И кога дошол толку посакуваниот ден и час да се претстави во Господ, на 13/26 август 662 година, со радост Му ја предал својата душа на Господ Исус Христос, Кого од младоста силно Го возљубил и за Кого толку многу пострадал. А, Бог му го дарувал тоа што им го ветува на тие што ќе Му последуваат и кои ќе истрпат докрај, а тоа е вечното блаженство во Царството Небесно.

 

Богословско творештво

Преподобен Максим Исповедник е еден од врвните богослови и најучени Свети Отци, не само во времето во коешто живеел и творел, туку во севкупната историја на Православната Црква. Поткован со световната философија на Платон, Аристотел и неоплатонистите, како опитен подвижник и проучувач на длабочината на мистиката на Псевдо-Дионисиј Ареопагит и другите Свети Отци пред него, на Црквата ѝ оставил големо богословско наследство, врз коешто ќе се надградуваат подоцнежните Свети Отци, исихасти и учители на Црквата.

Гледиштата на преподобен Максим се вистинитото исповедание на верата, а со својот просветлен ум и дарот на расудување успеал во своите дела да направи синтеза од различни правци и текови, создавајќи единствен богословски и философски систем, во кој ја сублимира христијанската мисла од Ориген до Псевдо-Дионисиј Ареопагит. Неговиот богословски творечки опус опфаќа повеќе области, а се должи на неуморната и енергична борба против монотелитската ерес и утврдувањето на православната вера.

Во егзегетиката храбро се зафаќа со објаснувања на делови од Светото Писмо, толкувања на Господовата молитва и 59-от псалм, „схолии“ кон творбите на свештеномаченикот Дионисиј Ареопагит (Псевдо-Дионисиј) и на свети Григориј Богослов. Во егзегетиката спаѓа и објаснувањето на богослужењето, насловено „Мистагогија“ („Вовед во тајната“).

Во догматските дела на преподобниот спаѓаат: неговото изложување на расправата со Пир, неколку трактати и писма до различни луѓе. Во нив се содржи објаснување на православното учење за Божествената суштина и за Божествените Ипостаси, за воплотувањето на Бог Словото и за обожението на човечката природа.

„Ништо во обожението не е производ на човечката природа – свети Максим пишува во едно писмо упатено до својот пријател Таласиј – зашто природата не може да Го поима Бог, само милоста Божја има способност да дарува обожение на битието… Во обожението, човекот, кој е образ Божји, Му се вподобува на Бог, се радува на сето изобилие што не му припаѓа по природа, зашто благодатта на Духот победува во него, и затоа што Бог дејствува во него“ (22-ро писмо).

Во творештвото на преподобен Максим спаѓаат и антрополошки дела. Тој ја разгледува природата на душата и нејзиното свесно постоење по смртта на човекот. Од неговите етички творби особено се важни „Четиристотини глави за љубовта“. Преподобен Максим напишал и три химни во најдобрите традиции на црковната химнографија, според примерот на свети Григориј Богослов.

Богословието на преподобен Максим Исповедник, кое се темели на духовниот опит на знаењето на великите отци-пустиници и ја ползува вештината на дијалектиката, разработена од пред-христијанската философија, било продолжено и развиено во делата на свети Симеон Нов Богослов и свети Григориј Палама.

Црквата високо го почитува овој философ на Православието, и неговиот свет спомен се празнува на 21 јануари/3 февруари, а преносот на неговите свети мошти на 13/26 август.

 

По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нè! 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

 

[1] Види: Матеј 5, 14–16.

[2] На тој начин монотелитите ја нарушиле догмата за вочовечувањето на Бог Словото. Според православното учење, волјата ѝ принадлежи на природата, а не на личноста. Личноста само ја употребува волјата што се наоѓа во природата, односно личноста ја придвижува и ја прави дејствителна волјата на природата. Затоа и Господ Исус Христос, како по природа Бог така и по природа Човек, има и Божествена и човечка волја. Без човечка волја, Он не би бил совршен по природа Човек (преп. Јустин Ќелиски).


About The Author