// Google analytics code

Неделата на раслабениот – Митрополит Струмички Наум

Paralytic 2~+~

Штом Христос се воплотил и се поистоветил со нас, тогаш нема причина за очајание. Тој секако се појавува во нашиот живот; и тоа безброј пати. Наше е само да ја препознаеме посетата.

Богочовекот Христос иконично нѐ посетува многупати, и главно, преку луѓе што страдаат. Самиот Тој има кажано: „…ако на еден од овие Мои мали браќа им направите, Мене сте Ми направиле“. Но, секоја средба со секој човек во нашиот живот е дар Божји и средба со Него.

Постојат и поинакви Негови посети; посети кои битно го менуваат нашиот живот. Само да гледаме да не е тоа допуштена болест или несреќа, односно „посета од неволен вид“ поради нашите гревови, туку да предизвикаме, преку подвиг на покајание и послушание, посета од волен вид – како растење низ степените на духовниот развој, преобразување и обожeние.

Борбата против секое очајание и безнадежност, посебно при болест, се заснова, пред сѐ, на вистинска и цврста вера, а потоа и на животот со надеж, што значи – без чинење грев. Затоа што причина за повеќето болести е гревот (Јован 5, 13–15). Таков изгледа животот на болниот човек од бањата Витезда. Гледаме триесет и осум годишно трпеливо чекање, со надеж дека, сепак, ќе се појави Човек кој ќе го спушти во бањата, откако ангелот ќе ја раздвижи водата.

Евангелието од Неделата на раслабениот е полно со симболика. Симболика на Светото Крштение: бањата Витезда во која луѓето оздравувале од каква било болест и да боледувале. Симболика на возобновувањето на духовниот живот кај народот: ангел Господов ја раздвижуваше водата. Симболика на молитвениот однос на човекот кон Бог – што Го привлекува Бог: Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му се обраќа и го прашува дали сака да оздрави. Болниот човек нѐ симболизира сите нас, денес, кои сме духовно раслабени.

Најпотресна, за мене, е симболиката за исконскиот крик на човекот во потрага на вистински Човек и човечност, преточена во само двата збора на раслабениот: немам човек! – иако човечноста треба прво во себе да ја возобновиме за да ја препознаеме. Како и симболиката на вистинското послушание, како Откровение на смислата на Духот на словото – во словото на законот. …Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!“ Но, тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: Земи ја постелката своја и оди!“ (Јован 5, 9–11).

Јас би се задржал, сега, и на други две симболики, на симболиката на крајот на Стариот Завет и на симболиката на крајот на Новиот Завет. И двете симболики се сведуваат на само двата збора: немам човек.

За симболиката за крајот на Стариот Завет ни говори целиот Нов Завет, целиот Очев Домострој на нашето спасение, но и денешното евангелско четиво, каде што Синот Божји Исус Христос се појавува и како вистински Бог и како вистински Човек, како Богочовек. Дотогаш не се беше појавил таков Човек, а ние Го распнавме.

За симболиката на крајот на Новиот Завет ни говори Апостолот Павле: „во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат среброљупци, горди, хулители, неблагодарни, неправедни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, непослушни, предавници, повеќе сластољупци отколку богољупци, наизглед побожни, а од силата на Бог се одрекле. И од нив одвратувај се!“ Со други зборови – ќе снема луѓе.

Вистинскиот човек, како икона Божја која треба да стигне во подобие Божјо, е љубов. Зборовите оладувањето на љубовта се еднозначни со зборовите немам човек – вистински. Тоа ќе биде главна карактеристика на последните времиња, чии знаци и денес ги гледаме. Фала Богу, вистински човек сè уште може да се најде; но тоа исто така значи дека Апокалипсата апсолутно зависи од нас, од нашето покајание или непокајание; од нашата човечност или не…

 

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум

(22.05.2021 15:56)


About The Author