// Google analytics code

Без Христа овој живот нема смисла – о. Гаврил Галев

F1987F2A-1B0B-4703-8AE6-64E7CD2BD618Воскресението Христово е единствената смисла на животот. Нема друга смисла, нема друга вистина надвор од Христос и Неговото воскресение. Без Христос, овој живот е залуден. Затоа Христос треба да ни биде центар на животот, а неговото воскресение главен настан. Цел наш живот да ни биде во Неговото Воскресение.

Што значи тоа?

Тоа значи, секогаш да го сакаме Господ со сето свое срце, со сета сила, со сиот свој разум, и својот ближен како самиот себе. Затоа што воскресението Христово не е ништо друго освен печат на Неговата љубов и триумф на љубовта, победа на животот над смртта.

Тоа е и рајот. Вечниот живот во вечната радост и вечната љубов. Таму каде што нема ни сенка од страдање, ни болка, ни тага, туку само радост, слобода и љубов. Тоа е и радоста на воскресението, тоа е радоста на животот во Христос, тоа е радоста на животот на еден со друг. Се друго е пекол, темнина, робство и смрт. За таквите сеуште е стариот завет и за нив сеуште Христос не воскреснал.

Да го преобразме нашиот живот и да ја понесеме светлината од Христовото Воскресение во нас. Со сето срце да го сакаме Христос и да живееме според него. На тој начин ние учествуваме во Неговото воскресение и сме живи. Да се потрудиме така да живееме што светлината на Неговото воскресение секогаш ја имаме во нашите срца, во нашите умови, во нашиот живот, во нашите домови. Каде и да одиме, секогаш да свети во нас таа благодатна и животворна сила и да ја шириме во светот.

Христос Воскресна!


About The Author