// Google analytics code

Oбожението како цел на нашиот живот – Игумен Гаврил (втор дел)

ггг Пречки во процесот на стекнување на благодатта Божја
Секој грев не спречува во процесот на стекнување и зачувување на благодатта, затоа што гревот во суштина, е промашување од патот Божји, свртување на нашиот поглед од лицето Божјо, оддалечување од Бога и раскинување од протокот на благодатните животворни енегии. Кога сме така, преку гревот одделени од Бога, се троши нашата животна енергија и нашиот живот се движи кон физички и духовен крај.
На секого му е потполно јасно и знае дека големите телесни гревови, т.н. смрттни гревови, директно не лишуваат од благодатта Божја. Но во суштина постојат некои суптилни и незабележливи за неопитните, страсти и гревови кои го рушат целовкупниот наш подвиг во очистувањето на срцето и стекнување на благодатта Божја. Ќе се задржам не неколку и преку пример ќе се обидам да ви посочам:
- Гордоста, самобендисаноста и денешниот човекоцентричниот хуманизам
Најголемата пречка во подвигот на обожување (стекнување на благодата) е нашата гордост, суета и високомислењето за самите себе. Човекот кој е самобендисан, ги презира другите и мисли дека секогаш е во право. Тој човек се наоѓа во тешка прелест, а неговиот живот е повеќе насочен во губење отколку во стекнување на благодатта. Таквиот се „самообожил“ завземајќи го местото на Христос, самиот се назначил за центар на се и самиот се затворил за Божјата благодат. Во денешно време и еден цел таков философски-општествен систем го завзел местото на православниот аскетско – исихастички начин на живот. Тоа е човекоцентричниот хуманизам.
- Прекумерната грижа за земното
Грижата за добрите устројства на земните нешта е добра и племенита работа, ако се прави во слава Божја, но ако го промашиме духот, станува пречка. Блажениот старец Георгиј Григоријатски (Капсанис) предупредува велејќи: обично луѓето не успеваат бидејќи се привлекуваат и грижат само за секундарните цели на нивниот живот. Не го ставаат како прво во својот живот обожението. Се воодушевуваат на убавите нешта на овој свет и ги губат вечните. Целосно им се предаваат на секундарните нешта, а го заборават она „едно што е потребно“ , (според Лука глава 10).
- Морализмот
Друга таква суптилна пречка за стекнување на благодатта е морализмот. Морализмот во најголема мера го диктира западното христијанство. Тие го изгубиле афтентичниот дух на Христовата Црква, аскетско-исихастичкиот подвиг и обожението како цел на животот и се свртиле кон морализмот како норма. Меѓутоа методот на моралното усовршување е човекоцентричен, а не Богоцентричен. Цел, критериум во него, не е Бог, туку човекот. За свој центар го има човекот и неговата добрина овде на земјата, а не Христос и обожението за небесата. Во него се истакнува човечкиот труд, а не благодатта Божја која не восовршува. Задоволување на човечката правда, а не Божјата правда. Затоа Преподобниот Отец Серафим Роуз, кој и самиот потекнува од западните простори, (живеел во САД во минатиот век) ќе забележи дека „кај западните христијани може да се најдам многу добри луѓе, но ретко или невозможно светители.“
- Судењето и осудувањето
Друга крупна пречка за губење на благодатта од душата е гревот на судењето и осудувањето. Бог му ја дал таа власт на Исус Христос да суди и осудува зашто е безгрешен Богочовек. Толку е голем овој грев што според светите отци дури и оние кои веќе доволно го очистиле срцето од страстите и се наоѓаат на вториот или третиот степен од духовниот раст, може да ги турне долу и да ги обезблагодати. Затоа чувајте се од судење и осудување на другите. Ние сме должни да покажеме љубов, да се почитуваме и сакаме еден со друг, да бидеме благи и снисходливи кон оние кои грешат, затоа што и самите ние сме грешни и да се молиме за нив, но никако да ги судеме и осудуваме. Оној кој суди и осудува нема ништо заедничко со благодатта. Слично е и со озборувањето.
- Многуговорливоста
Многуговорливоста е исто така голема демонска замка за губење на благодатта. Нашиот ум секогаш треба да е смирен, прибран и собран во молитвата, а многуговорливоста пак го прави умот да биде расеан и неконцентриран за молитвата и Бог, па затоа и оваа навидум наивна страст е голема пречка во подвигот за стекнување и зачувување на благодатта. Ако квачката често го напушта своето гнездо и оди и се дружи со другите кокошки, јајцата ќе истинеат и ќе се расипат. Така е и со нашиот ум, ако тој често оди во друштво на прзнословци, топлината на срцето ќе истинее и благодатта ќе исчезне.
Страстите како озборувањето, клеветата, љубомората и зависта, злопамтењето, неодговорноста и мрзата, исто така многу му пречат на човечкото срце да ја прими благодатта. Непослушаноста кон духовниот Отец, неисполнувањето на секојдневното молитвено правило, немарноста за телесен пост и подвиг, навидум изгледаат незанемарливи мали отсапки, меѓутоа тие прават да се олади нашето срце за Бога и да ја загубиме благодатта Божја во него.


Плодови на благодатниот живот
Откако повторно ќе ја актуализираме (активираме) крштенската благодат во нашето срце, таа со себе ги носи и своите дарови и квалитет на живот. За разлика од првиот степен на духовниот живот, во кој срцето сеуште ни е заробено од страстите и умот помрачен за божествената светлина на познанието, демонот сеуште има власт над нас. Но откако со напор и содејство на благодатта Божја, срцето доволно ќе се исчисти од страстите, односно ќе се ослободи од нив, демонот кој ги држи до нас овие страсти полека отстапува, а во нашето срце се населува Светиот Дух.
Затоа Преподобниот отец Серафим Саровски потенцира дека „вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во здобивање на Светиот Дух Божји.“ Благодатниот живот во Христос си има и свои плодови и придобивки за кои свети ап. Павле им пишува на Галантјаните: „а плодот на духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрперливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста...“ (Гал.5,22-23).
Тоа предание на животот на Светиот Дух во Православната Црква е живо и делотворно и до ден денес. Старец Ефрем Филотејски, денешен игумен на манстирот св. Антониј во Аризона и основател на голем број манастири во САД придржувајќи се целосно на светото предание на искуството во Црквата за придобивките од подвигот за очистувањето на срцето ќе рече: светите отци велат дека умот лесно се валка и лесно се чисти, додека, пак, срцето тешко се чистиа и тешко се валка. Умот лесно се валка кога се расејува од некое зло. Срцето, пак, веднаш не учествува во валкањето. Кога срцето создало добра духовна состојба, но подоцна на некој начин ја губи и умот почнува да се валка со различни работи, срцето не се менува толку лесно – зашто предходно било преобразено од благодатта, па затоа злото бавно и со тешкотија напредува.
А неговиот учител, највеликиот и најискусниот подвижник во молитвата на нашето време, старец Јосиф Спилеот Исихастот, во своите писма до неговите многубројни духовни чеда распрострени преку целиот свет, пишува (издвојуваме):
„Кога ќе го почуствуваме ова преобразување во нас, тогаш ќе разбереме кои се плодовите и целта на молитвата. Тогаш ќе сфатиме дека Царството Божјо е внатре во нас. (Лука 17,21).
Тогаш ќе најдеме благодат, олеснување од страстите, а особено олеснување од нечистите помисли. Ќе добиеме големо ослободување, со време тие ќе исчеснат, ќе бидат избришани од умот преку молитвата, и срцето потполно ќе зацели. Ќе стане како незлобиво детско срце. Се ќе гледа природно.
На тој степен и молитвата го менува својот квалитет. Умот бива привлечен од благодатта во срцето и во него ја твори непрестајната Исусова молитвата: Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот.
Тогаш благодатта делува создавајки рајска состојба на душата, радост, благодатни солзи, во мир и тишина и целото тело се смирува. Кога ќе се умножи благодатта, умот е вознесен во созерцанија, срцето се распламтува од божествената љубов и целиот човек гори од љубов. Тогаш умот е совршено соединет со Бог.
После просветлувањето, следи прекин на молитвата и чисти созерцанија, грабнување на умот при Господ, смирување на чувствата, неподвижност и целосно молчание, а на крајот соединување на Бог и човекот во едно. Состојба која св.ап. Павле ќе ја нарече „третото небо“ во подножјето на престолот Божји.
Присуството на благодат во нечие срце е показател дека тој е возљубен од Бог и дека тој самиот го љуби Бог и своите ближни, дека на тој човек му е простено од Бог и дека тој самиот им простува на сите што му грешат и дека тој човек не е осуден од Бог и дека тој самиот не осудува никого освен самиот себеси за злото што му се случува и нему и на целиот свет.“
И што повеќе да се каже за плодовите на благодатта Божја?

Есхатолошки аспект
Откровението на есхатолошките димензии на нашето христијанско постоење во основа е дар на „отвореност на срцето“ и пројавување на благодатта на крштението внатре во него. Тоа е такво чуство и таков дар кои што со човечки зборови е тешко да се објаснат.
На очистените од страстите и гревот, на оние што се молат со вистинска и умносрдечна молитва, им се дава да ја видат Боженствената светлина уште во сегашниот живот. Тоа е светлината, која што ќе засветли во вечниот живот, и тие не само што ја гледаат, туку и самите се наоѓаат во Неа, затоа што ова Светлина ги опкружува светиите.“ арх. Георгиј Григоријатски Капсанис
Така, човекот што ја постигнал светоста уште во земниот живот се приопштува со Божјото Царство, се соединува со Светата Троица и се исполнува со Божественост. Меѓутоа, по сеопштото воскресение и Страшниот Суд, светиите ги очекува уште попотполно блаженство и потполно вподобување на Бога, какво што човечкиот ум не е моќен ни да си замисли: Сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе го видиме каков Што е.“ (1 Јн. 3,2) Митрополит Иларион Алфеев
За значението во есхатолошки рамки на непрестајната благодат најпрецизно кажува старец Софрониј: „со таквата молитва вашето раѓање во вишниот свет навистина може да стане безболно. Современиот образован човек лесно ќе го свати механизмот на умносрдечната молитва. Доволно е две-три недели малку поусрдно да се помоли, да прочита неколку книги и еве, тој самиот кон тие книги ќе може да додаде и своја. Но во смртниот час, кога целиот наш организам е подложен на насилно раскинување, кога разумот ја губи јасноста, а срцето чуствува силни болки или слабост, тогаш сите наши теоретки знаења ќе исчезнат, а со нив множеби и молитвата (ако не се потрудиме да ја направиме благодатна непрестајна зашто само молитвата и љубовта преминуваат понатака кон вечноста.“
Смртта, односно судот Божји на смртниот час, е едиствена најверодостојна проверка за исправноста на нашиот живот. Во овој свет може и некако да се провреме, но кога ќе дојдеме лице во лице со смртта, тогаш се ќе биде разголено, се ќе биде разобличено, се ќе биде објавено. Во овој свет одиме по широк или по тесен пат, но кога ќе дојде смртта патот се стеснува и остануваме само јас и Бог и само јас и Вистината. Затоа треба многу да внимаваме како ќе живееме овде на земјата оти Господ рекол дека ќе одговараме за секоја наша мисла, а колку повеќе за зборовите или делата.
Сеќавањето на смртта, според големиот Теолог на Црквата, св. Василиј Велики, е најголемата мудрост во овој свет. Сите гревови настанале со тоа што ние забораваме на смртта, а ѓаволот намерно го одвлекува нашиот ум со разноразни преокупации од овој свет, а само за да не замае и оттгрне од патот на кој многумина се повикани, но малкумина избрани…
Ништо нема повредно на земјата, ниту славата, ниту богатствата, ниту раскошот, колку спасението и обожението. Да се потрудиме да се вподобиме на Бог и да го имаме Христос во нашите срца за вечен живот. Тогаш ќе сме синови Божји и наследници на Неговото Царство, сега, секогаш и во вечност.

Епилог
На крајот, да го заокружиме досега кажаното. Повикот за духовно совршенство и обожување е природно всаден во нас уште со самото создавање. Во образот Божји, Бог всадил неизмерлив потенцијал да напредуваме до наше вподобување Нему. Бог нас не створил за живот вечен. Вечниот независник ѓаволот, не прелагал да му свртиме грб на Бог и посегнеме за материјалното наместо за духовното, за пропадливото наместо за вечното, за грешното наместо за светото и нашиот живот се претвори во тага, страдања и бол, а телото беше осудено на распаѓање. Меѓуото, Бог не не напушти. Тој ја покажа Својата најголема љубов кон нас и го испрати Својот единороден Син, да се воплоти во најсветата, Пречистата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, да се вочовечи, та секој кој верува во Него и се крсти да има изобилие и живот вечен. Воплотеното Слово Божјо, земајќи ја на себе човековата природа, го подигна и возобнови нашиот паднат образ и се објави Себе си како единствен критериум во животот.
Господ Исус Христос го исполни спасителниот домострој за нас и со Неговата крв не откупи од гревот, а со Неговото воскресение и вознесение не подигна и вознесе повторно при Бога Отецот, оставајќи ни ги Неговите спасителни зборови, т.е. Евангелието, како начин на живот и единствен ориентир за доброто и лошото. Ја основа и Црквата како атмосфера и начин на спасение и ни ги даде неговите спасителни свети тајни во неа, како извор на живот вечен.
Во животот после падот, се станува со напор и труд. Така и животот во Христос е подвиг. Борба со страстите и похотите, односно со стариот човек во нас. Уште со самото Крштение сме повикани, како што вели и св.ап.Павле, да се сметаме мртви за гревот и живи за Бог, во Христос Исус, нашиот Господ (Рим. 6,11). Крштението во Христос е учество во неговата смрт и воскресение и возобнување на нашата природа, односно распнување на стариот човек со него, а за живот обновен во Него. Има ли друг?
Таа борба, тоа умирање и воскресение се случува во срцето. Срцето човеково е центар. Тоа воедно е и арена и храм Божји. „Од срцето човеково излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блуд, убиства, кражби, лакомства, злоби, лукавства, разват, завист, богохулства, гордост, безумство… и тоа го осквернува човекот“ (Мат. 15, 21-23) . Но, ако се потрудиме да го исчистиме, тоа е и трпеза и Храм на Бог Света Тројца. Блажени се чистите по срце, зашто тие (во него) ќе го видат Бога. (Мат. 5,8). Царството Божјо е внатре во вас, рекол Господ (Лк. 17,21). Тоа се достигнува со непрестаен труд и добродетелен светотаински живот во исполнување на заповедите и Евангелието во Црквата. Со смирение, трпение, покајание, љубов и во подвигот на непрестајната Исусова молитва, а по послушание и благослов на духовен отец.
Откако ќе ја стекнеме благодатта во нашето срце или поточно кога во нас повторно ќе се пројави благодатта која како дар сме ја добиле на крштението, треба таа состојба да се потрудиме да ја зачуваме до крајот на животот. Се она што ја изгонува или намалува благодатта во нас да го отфрламе (гревот), а да се трудиме што повеќе да останеме во неа, па и да ја разгоруваме во себе. Затоа што се на крајот завршува со смртта, која и не е крај, туку само почеток на новиот живот во Христос. Нов начин, нов однос, нов квалитет на живот. Смртта е страшна за грешниците и незнабошците, но на тие што веруваат во Христос и го следат по неговиот пат, смртта е придобивка (види Филип. 1,21). Ако во овој живот сме ја стекнале благодатта Божја, тогаш смртта за нас ќе биде само врата, премин, пасха.
“Небој се мало стадо, зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.“ (Лк. 12,32)

 

Од предавањето на 9. МОYA (Македонска православна младина на Австралија под духовно раководство на о. Гаврил) семинар во манастирот св. Прохор Пчински, Донибрук, Мелбурн


About The Author