// Google analytics code

За Гадаринците – Игумен Гаврил

Беседа изречена на денот на Св. Димитриј Солунски Мироточив (08.11.2015) во манастирот Св. Наум Охридски

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

img_1727Многупати сме зборувале за ова Евангелие, меѓутоа, како што велат – повторувањето е мајка на знаењето, а и оние коишто не слушнале – да слушнат, повторно ќе кажеме за неговото значење. Овие луѓе биле Гадаринци и, иако во стариот закон свињите се сметале за нечисти животни и не требале да се чуваат, тие тоа не го почитувале и ги одгледувале за прехранување. Во преносна смисла, свињите се нашите страсти што ги негуваме внатре во нас, а тоа се страстите на себеугодувањето – среброљубието и сластољубието. Како последица на тој грешен живот, демонот имал голема власт врз нив, така што во еден од нив, а во друго Евангелие се вели дека тие биле двајца, влегле и се населиле во тие луѓе. По силата демонска, тие дури и биле отпорни на секоја природна непогода. Не можеле да се вклопат во средината, та затоа живееле осамени, на пусти места, по гробишта, оделе и боси и иако биле врзувани во синџири, имале толку сила, што ги кинеле. Меѓутоа Бог е милостив и никого не заборава. Така и овие луѓе, што живееле во блуд и разврат, не ги заборавил и ги посетил. Се смилувал на бесомачниот и му наредил на демонот да излезе од него. Меѓутоа, за сведоштво на останатите, го прашал како се вика, бидејќи Бог, Господ Исус Христос, знаел дека тоа не е тој, туку во него живее и со него раководи некој друг. А тоа, според одговорот, биле не еден, туку цел легион, цела војска демони и заради тоа тој човек така и се однесувал.

Со тоа Бог ни покажува дека секој грев не е од човекот. Изворот на гревот е демонот, но човекот, заради своите слабости и небрeжности, му дозволува на демонот да влезе и да завладее со него. И секој според она колку што ќе му дозволи на демонот да владее со него, толку и демонот има сила над тој човек. Затоа секој од нас треба да биде многу внимателен.

Нашиот живот да Му го посветиме, пред сé, на Бога – сиот наш живот на Христа Бога да му го предадеме. Но, тоа предавање на животот на Бога значи да мислиме на Него, да се молиме на Него и да твориме дела Божји во заедница со сите, заедно. Не може да речеме дека Бога го сакаме, а го мразиме својот ближен и на ближниот му правиме зло. На тој начин ние Бога го оприсутнуваме или го изгонуваме, како овие Гадаринци. Бог ги ослободил нивните чеда од демоноопседнатоста и станале со здрав разум и облечени седеле при нозете Исусови, значи се обратиле кон Бога и, читајќи го ова Евангелие, се јавува слика на умилност, како тие како мали деца седат при нозете Исусови и се умилкуваат на Бога и се радуваат на Неговата близина, а тоа всушност се чувствува, пред сé, во срцето. Така во нашиот живот, колку сме поблиску до Бога, колку повеќе Му даваме простор на Бога во нашиот живот и нашето срце и во сé што е наше, толку и ние се чувствуваме сé повеќе и повеќе како мали дечиња, коишто си играат околу престолот Божји и чувствуваат радост, постојано се со весело срце и се слободни од секаква тежина во овој свет и век.

Така се случило и со овој, или овие бесомачни, коишто Бог ги излекувал. Но, оние коишто се нарекувале здрави, а всушност покажале една голема нездравост и неразумност, наместо да се израдуваат дека нивните браќа, деца, роднини и пријатели сега се здрави и можат да живеат со нив, да се радуваат заедно на сé, да му се радуваат на животот и да го слават Бога, на нив им биле поважни свињите. Било изгубено крдо свињи, коишто се удавиле, бидејќи не можеле внатре во нив да ги понесат демоните кои Бог ги истерал од човекот. Тие се гргнале и се удавиле во водата. Затоа овие го сметале тоа за голема штета. Значи, оние коишто биле здрави и разумни, покажуваат една голема болест и неразумност, и наместо да Го прослават Бога заради тоа, тие се собрале и решиле да Го изгонат од нивната средина. Бидејќи, како што реков, им било многу помило да им служат на своите страсти, да си себеугодуваат,  а така човекот се затвора за Бога.

Секое служење на самите себе, отфрлањето на Божјата волја од нашиот живот, отфрлањето на аскетско-исихастичкиот подвиг и живот, всушност е отфрлање на Исус Христос од нашиот живот. Тогаш ќе бидеме неразумни како овие Гадаринци. Меѓутоа, повторно и повторно и повторно Бог е милостив и никогаш не нé заборава. Овој излекуван сакал да појде по Исуса Христа, што е и природно, но Бог го вратил назад и го направил апостол. Го направил пратеник во неговото место да проповеда и да сведочи за големината Божја, та малку по малку и сите други останати во темнината на непознавањето на вистината,  да се просветлат и да познаат дека Исус Христос е вистинскиот Бог и Спасител. Така и ние во нашиот живот треба да разграничине, да се трудиме што повеќе да го оприсутниме Бога во нашиот живот, како што реков, пред сé со нашите мисли, со молитвата, со животот во добродетелниот и светотаински живот во самата Црква. Да Му се молиме на Бога, да се молиме Бог да нé просветли и нас, зашто се додека им служиме на страстите, му служиме и на демонот и не го познаваме Бога во целост. Бог да нé просветли и ослободи од страстите, и сите наши ближни, и сите луѓе во целиот свет да Го осознаат Бога и да Го прослават. Амин.


About The Author